Monday, June 13, 2005

НОВИНАРИТЕ И ХИСТЕРИЈАТА

Да видиме што е тоа хистерија и дали е тоа вистинската дијагноза за дел од македонското новинарство. Зборот хистерија доаѓа од грчкиот збор hystera - матка... Една од нејзините манифестации, која се однесува на сетилата. е хистеричната глувост. Слично како кај оние крај кои настанала некоја силна експлозија - ти им зборуваш, а тие не те слушаат!

Една занимлива споредба ми панда на ум деновиве. Има ли сличности меѓу хистеријата и македонското новинарство?!
Според медицинските енциклопедии, зборот хистерија доаѓа од грчкиот збор hystera - матка. Гледањето како низ цевка е само една од психогените манифестациите на оваа состојба. Друга манифестација која се однесува на сетилата е хистеричната глувост. Слично како кај оние крај кои настанала некоја силна експлозија - ти им зборуваш, а тие не те слушаат! Освен овие, во хистерични состојби спаѓаат тмурните расположенија и реактивните депресии, главно од психичка природа. Од карактеролошките особини кај хистериците се издвојуваат инфантилноста, афективната лабилност, препуштање на фантазиите. Луѓето склони кон хистерија се изразито сугестибилни и сугестивни. Тоа значи дека кога еден ќе добие хистерични симптоми, исти такви предизвикува и кај оние во непосредната околина, склони кон вакви состојби. Хистериците сакаат да се истакнуваат, но тоа е реакција на чувството на помала вредност. Се чувствуваат запоставени и настојуваат да се афирмираат наспроти неадекватните способности. Често се еротски незадоволни.
Незнам зошто имам чувство за неверојатната прецизност на оваа дијагноза во однос на еден дел на македонското новинарство.
Сакате пример: Па хистерично е, на пример, да објавите дека во кумановско се појавила непозната кожна болест кај децата и кај стоката и да сугерирате дека тоа од бомбите на НАТО кои паѓале на два километри од местото, за потоа, наредниот ден, да бидете приморани да демантирате со тоа дека, всушност, се работело за обична шуга (се разбира, без потценување на појавата)
Дека хистериците се “слепи” говори и ова. Секоја година во фебруари се слави и името на Св. Маченик Трифун - не Трипун. Овој човек станал светител заради тоа што, меѓу другото, ги лечел луѓето што биле и во потешки состојби од хистеричните. Тој навистина бил и заштитник на лозите и на овошките од штетници, но никако, ама баш никако, не бил заштитник на оние со пороци каков што е алкохолот.
И така, наместо да го спомнат името на оној што најмногу им треба, овие новинари од фебруарскиот хистеричен поход, со години на ред го сквернават неговото име нарекувајки “Свети Трипун Пијаницата”. Па, ајде ви се молам!

Tuesday, May 31, 2005

СЕ ВИКАМ МАКЕДОНИЈА И САКАМ ДА ЗНАМ НЕШТО ЗА МЕНЕ

Јас мислам дека е само прашање на датумот кога ќе дојде денот политичарите да ги регистрираат своите телефони 050... за да можат да го наплатат интересирањето на јавноста и на новинарите за нивната јалова работа и преговори.

“Ало... Се викам Македонија. Родена сум на 8 септмеври 1991 година. Би сакала да знам за мене...” Субрина (или било која друга што завршува на ...ина): Добро. Нешто си ми нервозна во последно време. Нервозна си, нели? Така е. Ама не се секирај. Во месец август и септмеври, некаде околу 24 октомври ќе осетиш една енергија која ќе те сплоти. Има некои у твојата фамилија и во околината кои не ти мислат добро. Нешто и ти си им згрешила и затоа мора да се очистиш. Мора да има нешто у околина, некаква крива круша или некое друго дрво... Однеси зејтин у манстирот Свети Никола...”
Да. Ова е еден дел од нашето телевизиско секојдневие. Гатачи, секс и политика. Кога ќе завршат вестите што ги “голтаме” од 17,18 часот, па с# до полноќ, започнуваат, на сите канали, да се вртат телопи и спотови со 050... со пораките “дојди... те чекаат... леле колку ми е жешко...”
Македонија веќе не е catena mundi (папокот на светот) како што толку добронамерно и надежно ја нарекуваше професорот Ферид Мухиќ. Македонија денес (благодарение на сесрдните заложби на нејзините политичари-разградувачи) е црната дупка на светот во која сите позитивни вредносни категории се претворени во својата спротивност. Разумот и рационалната свест се заменети со најпростачка квази-мистика (кобајаги мистика) која се продава на исто толку простачки начин на сметка на поединечната несреќа на луѓето.
Паралелно со гатањето и јавното подводаџиство во континуиран директен пренос преку ТВ екраните ја следиме и активноста на оние што ни се прикажуваа за политичари од европски маштап и што самите ги избравме на избори (барем така се надеваме, иако и изборите се одвиваа под многу, многу сомнителни околности).
Jас мислам дека е само прашање на датумот кога ќе дојде денот политичарите да ги регистрираат своите телефони 050... за да можат да го наплатат интересирањето на јавноста и на новинарите за нивната јалова работа и преговори. Така новинарите нема на мораат со часови да чекаат пред Собранието или Владата за да добијат изјава што не кажува ништо. Ќе си седат во своите редакции, ќе завртат 050... и после неколку минути на холд ќе ја добијат изјавата од В.Б., Љ.Г., Б.Ц., Н.Г. или ...
На сите нив им одговора оваа ситуации. Сите овие: квази-политичари, квази-пророкувачи и макроа (само тие не се квази, тие се вистински макроа) најдобро функционираат во матно, врз несреќата на другите... на 050.

Thursday, May 19, 2005

ЏЕЛАЛ-ЕЛ-ДИН-МОХАМЕД ИЛИ АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ, СЕЕДНО

Така ќе биде сe дотогаш, до кога на прашањето “што можам јас да направам?” ќе постапуваме како којотот, кого брзата птица итрица го наместила да падне со својата куќичка на пругата, и кога тој, додека низ прозорецот го гледа возот како со сета брзина и сила јури накај него, единственото што го прави е - да ја спушти ролетната.

Сонувам како на телевизиските вести гледам како колегите не земаат изјава од нашите политичари. Како гест, како израз на нивниот, а со тоа и на нашиот став во однос на неодговорните изјави и постапки. Замислете Бучко/Бранко/Ахмети... излегуваат од автомобилите, а новинарите си свиркаат, си гледаат во небото или во своите мобилни... Овие подзастануваат, поткашлуваат, божем ја тресат прашината од нивните палта и ништо. Игноранцијата како став за одговорноста на политичарите. Зашто ако обичниот човек е одговорен кон општеството само за оној дел од неговото постапување кон другите, таа одговорност за политичарите е мултиплицирана за толку колку што добил гласови на изборите. Тие гласови се гласови на поединци, на индивидуалци, личности, чија независност, со право, е апсолутна. Единката е неограничен господар (суверен) над самата себе си, над своето тело и душа и на своите постапки.
Но, можеби, за жал,треба да се каже дека мислиме дека ова може да се примени исклучиво врз човечките суштества што достигнале зрелост во нивните способности и постапки. Оние, пак, кои се сеуште во состојба некој друг да се грижи за нив, мораат да бидат заштитени и од нивните соспствени дејства. Така е и со заедниците на тие луѓе, општествени или државни. За оние што се малолетни, почетните тешкотии на патот на стихијниот прогрес се толку големи што налага на тоа да не се бираат средства за да се надвладеат. Тешкотиите. Во такви ситуации управувачот на тие заедници, “природниот родител”, стечајниот управник, олеснувачот на дијалогот или туторот, мора да има полномошно да се послужи со секое средство за да ја постигне целта која поинаку е, можеби, недостижна. “Деспотизмот е легитимна форма на владеење со дивјаците, доколку целта е нивно усовршување, а средствата се оправдани доколку се постигне таа цел”, вели еден од главните креатори на европската либерална политичка мисла Џон Стјуарт Мил. Во таа смисла тој додава дека “слободата како принцип не може да се примени во каква-годе состојба пред да дојде времето кога луѓето станале способни да напредуваат низ слободна и рамноправна дискусија. Дотогаш, пак, за нив не постои ништо освен покорување на некој Акбар или Велики”. Во нашиот случај тој може да биде или Џелал-ел-дин-Мохамед или Александар Велики, сеедно.
И така, се додека сме малолетни, ни се допаѓало нам тоа или не, нашите тутори ќе се раководат од овие нивни веќе одамна утврдени принципи, според кои се устроени и нивните општествени заедници. За такво устројство се определивме и ние, за нашата заедница, па затоа ќе играме според тие правила. Поинаку можеме само да се правиме и понатаму деца, или недоветни, но така само во континуитет ќе ја покажуваме нашата незрелост и малолетност.
Така ќе биде с# дотогаш, до кога на прашањето “што можам јас да направам?” ќе постапуваме како којотот, кого брзата птица итрица го наместила да падне со својата куќичка на пругата, и кога тој, додека низ прозорецот го гледа возот како со сета брзина и сила јури накај него, единственото што прави е - да ја спушти ролетната.

Monday, May 09, 2005

СПЕЦИЈАЛНАТА ВОЈНА И БАРТ СИМПСОН

Треба да се размислува за гледаноста и за престижот и така се третира и војната - како шоу-бизнис. Конкуренцијата е потелевизична од заедништвото бидејки е во врска со театралноста на победата, со желбата за доминација и со трагичниот патос на загубата
.
Во 1991, за време на воената акција на алијансата во Ирак, ирачката државна пропагандна радио-станица “Багдад Бети” емитуваше емисии на англиски јазик со кои им се советуваше на американските трупи “да си се вратат дома” затоа што “Барт Симсон спие со нивните жени додека тие се далеку од дома”. Според уводникот во уредничката страна на Њујорк Тајмс од наведениот период, “радиото на совеста” требало да ги натера војниците да почнат да размислуваат за дезертирање и враќање дома.
Во американските медиуми веднаш почна медиумската морална цензура околу пропагандата за активностите на Барт, менувајќи го со неговиот татко Хомер, затоа што “Барт имал само 8 години”.
Војната е потелевизична од мирот. Војната е преполна со моменти на висока пренапрегнатост, таа содржи акција, решителност, силни чувства и страв. Мирот е безличен и неодреден. Чувствата поврзани со мирот се морални, лични и внатрешни и тие чувства многу потешко се претставуваат телевизиски. Значи, со еден збор - насилството е потелевизично од ненасилството.
Но сепак, едноставно не ми се верува дека ТВ компаниите дозволуваат да бидат заведени од овие принципи. Но, ете: На телевизија површноста многу поедноставно се прикажува од длабочината. Настанот е многу поподатлив од процесите. За да се објаснат процесите во Република Македонија, како што се градење на мултиетничкото општество, релаксирањето на меѓуетничките односи во едно прилично сложено опкружување и така натака , новинарите и нивните гледачи треба да ги активираат процесите за размислување и расудување.
Но навистина, зошто да се размислува за тоа. Треба да се размислува за гледаноста и за престижот и така се третира и војната - како шоу-бизнис. Конкуренцијата е потелевизична од заедништвото бидејки е во врска со театралноста на победата, со желбата за доминација и со трагичниот патос на загубата. Зовриената страст има поголем ефект од разумниот пристап и смиреност. Зависта е подраматична од толерантноста. Ако има гнев - уште подобро.
Во таков случај нема време за објаснување на процеси. Ви треба настан, емоции, гнев, извлечени изјави од контекст за да се нагласи сето тоа. Луѓето се сведуваат на бројки.
Телевизиите не препознаваат дека со пристапот на “неподнослива леснотија” се ставаат во служба на пропагандата. Не препознаваат уште една битна работа - дека овој “потфат” нема лице.
Политичките движења, особено доколку имаат харизматични водачи, се многу телевизични. Ако тие движења немаат водачи телевизијата има можности и сака да ги измисли. Сетете се само на војната на Косово. Предолгото користење на архивските материјали, непосредно пред почетокот на војната, како епизода од нејзиниот пропаганден дел, во кои беа прикажувани креатури во маскирни униформи како шетаат или фингираат воени вежби во косовските шуми, стануваше се понепродуктивно. Мораше да се “измисли” лик за да ја персонифицира намерата на движењето. Некои од тие ликови денес се во Хаг. Но, тоа е веќе една друга приказна. Со други принципи. Не толку телевизични.

Wednesday, May 04, 2005

СЛЕДБЕНИЦИТЕ НА ХЕРОСТРАТ

Времето е такво: погодно да се множат, зашто денеска е многу полесно да рушиш, да понижуваш, да покажуваш со прст на другите, да ги судиш туѓите дела, отколку да создаваш свои и со личен придонес да учествуваш во креирањето на заедничкото добро. Светот околу нас денес е таков што од никого не се очекува резултат - се очекува успех! Како ќе го постигнеш тој успех - не е важно.

Се сеќавам многу јасно на едно дамнешно интервју на Горан Стефановски за МТВ кога тој на многу сликовит начин опиша еден гест што го прават жителите на скопско Дебар маало тогаш кога сакаат да омаловажат некој кој направил нешто успешно или постигнал нешто во животот. Пред таков човек, или во таква ситуација, Дебрамаалци го потискаат внатрешниот дел на образот со врвот на јазикот, и онака со стиснати усни, малку ја потспуштаат брадата го вперуваат погледот кон објектот на нивното омаловажување, ги спојуваат веѓите и - кажуваат с#. Пред еден таков гест паѓа во вода сe што сте направиле.
Ваквиот дебармаалски “а-бе-ај-шо-те-глеам” однос на дел од нашите новинари кај нас не е инцидент, туку систем. Тоа е систем во кој задолжително и за се важат правилата: “ништо не е така добро како што се прикажува” и “јас ќе ви кажам како се прави тоа”. Тој систем станува многу забавен тогаш кога таквите новинари своите дебармаалски манири си ги упатуваат еден на друг. Сетете се само на било која ТВ емисија, или полемика во некој весник, во која новинари се главните актери.
Овие феномени во нашето ТВ новинарство, и не само во новинарството туку и во политиката, ме потсетуваат и на еден старогрчки мит. Во античко време имаше еден тип по име Херострат. Тој човек сакаше да се прослави, но ништо посебно не умееше. За да ја исполни својата желба, да стане славен, тој го запалил храмот на Артемида. Со таа негова постапка се исполнила неговата горешта желба да стане славен и неговото име, после таа негова постапка, останало запаметено до ден-денес. Херострат стана синоним за оние што незнаат да направат ништо добро, а чезнеат по слава.
Такви мали Херострати, или негови следбеници, денеска има во огромни количини. Времето е такво: погодно да се множат, зашто денеска е многу полесно да рушиш, да понижуваш, да покажуваш со прст на другите, да ги судиш туѓите дела, отколку да создаваш свои и со личен придонес да учествуваш во креирањето на заедничкото добро. Светот околу нас денес е таков што од никого не се очекува резултат - се очекува успех! Како ќе го постигнеш тој успех - не е важно.
Таквите ситуации создадоа мангупи кои сфатија дека лесно можеш да бидеш паразит во средини со демократска толеранција.
Инаку светот виден низ весниците и преку телевизијата е навистина поинаков отколку што навистина е. Убавите пејсажи, куќи и градови, примерните луѓе за телевизијата - не се интересни. За телевизијата интересни станаа грдите места, разрушените или валканите градови и куќи и луѓето што прават конфликти. Се оди кон тоа гледачите да се подготват на екраните да видат полоши луѓе отколку што се тие самите.
Незнам за вас, но мене ми е преку глава од лоши вести. Имам потреба одвреме-навреме да видам, нешто позитивно, добро. Нешто што ќе ми даде пример и вера дека светот не е толку лош како што се прикажува на телевизијата.

Thursday, April 28, 2005

ЈУНАЦИ НА НАШЕТО ВРЕМЕ

Никој не ги смета за јунаци, па дури ни за негативни, оние ликови што вршат криминални дејствија врз малолетници, дури и тогаш кога малолетникот е еден цел - народ.

Секогаш ме фасцинираат филмови во кои негативните ликови, лошите момчиња, се претставени како херои. Тогаш кога, преку нивните приказни, или, преку приказните за нив, тие стануваат лик за наша идентификација со нив. Херои со кои симпатизираме, дури и тогаш кога пред одјавната шпица на филмот, нивниот трагичин крај е логична последица на нивниот судир со нормите и законите на мнозинството, односно општествената заедница. Таа фасцинација, барем кај мене, секогаш е придружена со грижата на совест пред моралната дилема и непријатното чувство кое произлегува од прашањето - смее ли на гледачот да му биде симпатичен еден престапник, криминалец, отпадник од општеството...?
Последен пат бев исправен пред една таква дилема за време на филмот “Касапчето” на Нил Џордан, снимен според книгата на Патрик Мекбејт, прикажан на “Телма” телевизија. “Телма” има убедливо најдобра филмска програма, иако во последно време и на таа фреквенција с# почести се репризите. Со најискрено љубопитство и, во исто време, двосмислена вознемиреност - предизвикана, веројатно, од брилијантната режија - ја следев приказната за Френсис Бејли. Тоа прекрасно и паметно момче, кое - заради несовршеноста на општествената зедница на поширок план, и на несовршеноста на семејството, образовниот систем и на религијата, на потесен план - својот детски свет ќе го оконча со свирепо убиство.
Додека ги пишувам овие редови, истото чувство на микс од симпатии и осудување, се повторува, за да дојдам до оправдувањето за постапките на Френсис кое, како стереотип, се објаснува со флоскулата - поединецот во конфликт со општеството. “Светот оди во една насока, а ние во друга” - ќе порачаат авторите на филмот. Навистина, во која насока одиме ние, а во која светот?
За да го доведам во врска феноменот на идентификација со негативните јунаци од филмовите со нашата стварност, се обидувам да си претставам слика за тоа, дали е можно поистоветување со актерите на оние криминалните дејствија што ни се случуваат толку интензивно деновиве - внатре во државата, вон оние воено криминални активности во комбинација однадвор и идвнатре. Таквите криминални дејствија - онака како што се прикажуваат на телевизијата, и според количеството и во според континуитетот - ми се чини дека се можни само на филм од некоја холивудска продукција. Се обидувам да замислам министер за одбрана како главен актер на некој филм од иднината, во кој тој, трагичниот јунак, е во драматични конфликти со силите од надвор, непознати и мистични сили, кои го ставаат во тешки искушенија од преку триста милиони денари. Или, пак, замислете ја газдарицата на една пропадната банка во филм во која таа е прикажана како народна “милослива сестра” и добротвор.
Нормално, такви ситуации не можете да замислите и тој филм, тука, нема да го гледаме.
Од едноставна причина: кај нас формулата “поединецот во конфликт со општеството”, што би требало да значи дека општеството не е во ред - не функционира. Во нашиот случај општеството е во конфликт со поединецот, што значи поединецот не е во ред и тој, таков, не може да биде јунак во филмот за нас. Никој не ги смета за јунаци, па дури ни за негативни, оние ликови што вршат криминални дејствија врз малолетници, дури и тогаш кога малолетникот е еден цел - народ.
А тоа дека сме навистина малолетен народ, се гледа секогаш кога “големите батки” во филмот, во улогите на јунаците “меѓународна заедница” или “големи сили”, ќе не фатат за уши за да ни одржат уште една лекција за “палавштините” со сериозни последици, предизвикани од нашиот национален продолжен пубертет.
Инаку, парадоксално, ама нашата малолетност може да има и една предност. Само со неа може да го оправдаме, или подобро, да го објасниме, нашиот однос кон домашните (не)филмски “јунаци”.
Но, и за тоа има лек. Полнолетен се станува со време и на избори.
А времето уште никој не успеал да го сопре.

ЈАЗИКОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ БАРАБИ

Порано државата и беше непријател број еден на мафијата, додека, пак, денес во постмодерните диктатури мафијата е државна власт.

Знаев дека песните имаат рефрени, но не знаев дека тоа е така и во историјата. Добро, го знам тоа: “историјата се повторува”, но ова се баш рефрени.
На времето не бевме до толку наивни за да поверуваме дека во нашата држава, после воведувањето на партискиот плурализам, веднаш ќе потече мед и млеко, но сепак се понадевавме дека барем нема да слушаме диригирани ТВ коментари и “анализи” со кои се сејат магли и во кои се прозиваат луѓето што размислуваат слободно и поинаку. Сакавме да веруваме дека нема да го трпиме теророт на импотентните самозамислени партиски, квазиразузнавачки групи за притисок и за прокламации и дека повеќе нема да го трпиме безобразлукот и идиотизмот на политичарите затоа што сами ги избиравме...
Но, како што сега стојат работите, повторно се преземаат рефрените од стариот репертоар со тоа што новите демократски власти старите песни ги опремиле со нови “сорти” и нови митови. Од тоталитаризам прејдовме во нешто што германскиот посател Енцесбергер одамна го има дијагностицирано и го нарече “постмодерна диктатура”. Оваа идеолошка матрица тој ја смета за “поинтилигентна” затоа што новата владејачка синекура воопшто не се потресува на критиките. Воопшто не се потресуваат заради тоа што отворено им се вели дека нивниот режим е втемелен врз политиката и криминалот, а таа техника на управување и техника на мафијата. Сите дејствуваат како некој голем смеен клан (кумот, шоферот, братучедот, жената, внукот...) во кој, како што е познато, доминира “таткото”, односно авторитарноста.
Порано државата и беше непријател број еден на мафијата, додека, пак, денес во постмодерните диктатури мафијата е државна власт.
Актуелната власт на своите граѓани им донесе само неволји: војна, раселени луѓе и семејства, масовни гробници, сиромаштво, морална хипокризија и стопански банкрот. Некои интелектуалци уште не се во состојба да ја согледаат реалноста и дека процесите на создавање на националните држави не се такви какви што биле во 19 век. Се уште се “борци за нацијата” и со сите сили се трудат да ги замолчат оние што работите ги нерекуваат со вистинските имиња. Не сфаќаат дека државата за која тие сонуваат може да биде кошмар за нејзините граѓани. Витолд Гомбрович има речено: “За Полска можеме да направиме нешто само ако и се спротивставиме на полштината”. Така е и со нас. За Македонија можеме да направиме нешто само ако заборавиме на македонштината.
Сега повторно се пишува за она што се пишуваше во најубавото време на либерализмот во Македонија. Само што тогаш тоа се правеше со занес и надеж дека пишувањето ќе влијае на расткајувањето на еден тоталитарен режим, а сега се пишува со огорченост и гадење. Новите шефови на постмодерните диктатури мутирале во чудовишта од едно минато време. За нив може да се пишува без проблеми зашто тие денес се малку “поинтилегентни” и не ги прогонуваат тие што пишуваат. Тие не се премногу среќни заради тоа, но ги немаат инструментите од времето. Фала му на бога, зашто кога би ги имале овластувањата од тогаш и психологијата дека “сите од надвор ни се непријатели”, верувајте би биле многу полоши од нивните претходници.
Затоа денеска можеме за нив да пишуваме со име и презиме. Но, веднаш се соочуваме со еден парадокс. Текстовите против власта денес ја немаат онаа длабочина и она значење што го имаа во услови на “ограничена слобода”. Мислам дека паднавме во стапицата на “идеолошка пресметка” што автоматски го урнисува доброто пишување и му се препушта на насладувањето на злобата. Можеби пишувањето денес доби во жестокост, но изгуби на естетиката, на писателската “итрина”, умеење и досетливост. Јазикот, што некогаш го нарекувавме “езоповски”, или, “специјален” беше помоќен од, овој денес, реалистичниот. Тогаш луѓето што пишуваа се трудеа да го надитрат цензорот, а денеска се расправаат со него. Оние фини нешта што тогаш се користеа во пишувањето, оние досетки, итрини, симболики и параболи го помагаа изумирањето на политичките бараби со се нивниот здодевен, банален и глупав говор.
Но, сега се поставува прашањето: дали денешните наши смешни “постмодерни диктатори” заслужуваат да ги третираме со возвишен стил. Врвниот стилист и писател Томас Ман во текстовите против Хитлер го користел јазикот на улицата. Тоа многу ги збунувало неговите аналитичари за на крајот сепак да заклучат дека Ман тоа го правел само заради тоа што тоа е единствениот јазик разбирлив за политичките бараби.