Thursday, April 28, 2005

ЈУНАЦИ НА НАШЕТО ВРЕМЕ

Никој не ги смета за јунаци, па дури ни за негативни, оние ликови што вршат криминални дејствија врз малолетници, дури и тогаш кога малолетникот е еден цел - народ.

Секогаш ме фасцинираат филмови во кои негативните ликови, лошите момчиња, се претставени како херои. Тогаш кога, преку нивните приказни, или, преку приказните за нив, тие стануваат лик за наша идентификација со нив. Херои со кои симпатизираме, дури и тогаш кога пред одјавната шпица на филмот, нивниот трагичин крај е логична последица на нивниот судир со нормите и законите на мнозинството, односно општествената заедница. Таа фасцинација, барем кај мене, секогаш е придружена со грижата на совест пред моралната дилема и непријатното чувство кое произлегува од прашањето - смее ли на гледачот да му биде симпатичен еден престапник, криминалец, отпадник од општеството...?
Последен пат бев исправен пред една таква дилема за време на филмот “Касапчето” на Нил Џордан, снимен според книгата на Патрик Мекбејт, прикажан на “Телма” телевизија. “Телма” има убедливо најдобра филмска програма, иако во последно време и на таа фреквенција с# почести се репризите. Со најискрено љубопитство и, во исто време, двосмислена вознемиреност - предизвикана, веројатно, од брилијантната режија - ја следев приказната за Френсис Бејли. Тоа прекрасно и паметно момче, кое - заради несовршеноста на општествената зедница на поширок план, и на несовршеноста на семејството, образовниот систем и на религијата, на потесен план - својот детски свет ќе го оконча со свирепо убиство.
Додека ги пишувам овие редови, истото чувство на микс од симпатии и осудување, се повторува, за да дојдам до оправдувањето за постапките на Френсис кое, како стереотип, се објаснува со флоскулата - поединецот во конфликт со општеството. “Светот оди во една насока, а ние во друга” - ќе порачаат авторите на филмот. Навистина, во која насока одиме ние, а во која светот?
За да го доведам во врска феноменот на идентификација со негативните јунаци од филмовите со нашата стварност, се обидувам да си претставам слика за тоа, дали е можно поистоветување со актерите на оние криминалните дејствија што ни се случуваат толку интензивно деновиве - внатре во државата, вон оние воено криминални активности во комбинација однадвор и идвнатре. Таквите криминални дејствија - онака како што се прикажуваат на телевизијата, и според количеството и во според континуитетот - ми се чини дека се можни само на филм од некоја холивудска продукција. Се обидувам да замислам министер за одбрана како главен актер на некој филм од иднината, во кој тој, трагичниот јунак, е во драматични конфликти со силите од надвор, непознати и мистични сили, кои го ставаат во тешки искушенија од преку триста милиони денари. Или, пак, замислете ја газдарицата на една пропадната банка во филм во која таа е прикажана како народна “милослива сестра” и добротвор.
Нормално, такви ситуации не можете да замислите и тој филм, тука, нема да го гледаме.
Од едноставна причина: кај нас формулата “поединецот во конфликт со општеството”, што би требало да значи дека општеството не е во ред - не функционира. Во нашиот случај општеството е во конфликт со поединецот, што значи поединецот не е во ред и тој, таков, не може да биде јунак во филмот за нас. Никој не ги смета за јунаци, па дури ни за негативни, оние ликови што вршат криминални дејствија врз малолетници, дури и тогаш кога малолетникот е еден цел - народ.
А тоа дека сме навистина малолетен народ, се гледа секогаш кога “големите батки” во филмот, во улогите на јунаците “меѓународна заедница” или “големи сили”, ќе не фатат за уши за да ни одржат уште една лекција за “палавштините” со сериозни последици, предизвикани од нашиот национален продолжен пубертет.
Инаку, парадоксално, ама нашата малолетност може да има и една предност. Само со неа може да го оправдаме, или подобро, да го објасниме, нашиот однос кон домашните (не)филмски “јунаци”.
Но, и за тоа има лек. Полнолетен се станува со време и на избори.
А времето уште никој не успеал да го сопре.

ЈАЗИКОТ НА ПОЛИТИЧКИТЕ БАРАБИ

Порано државата и беше непријател број еден на мафијата, додека, пак, денес во постмодерните диктатури мафијата е државна власт.

Знаев дека песните имаат рефрени, но не знаев дека тоа е така и во историјата. Добро, го знам тоа: “историјата се повторува”, но ова се баш рефрени.
На времето не бевме до толку наивни за да поверуваме дека во нашата држава, после воведувањето на партискиот плурализам, веднаш ќе потече мед и млеко, но сепак се понадевавме дека барем нема да слушаме диригирани ТВ коментари и “анализи” со кои се сејат магли и во кои се прозиваат луѓето што размислуваат слободно и поинаку. Сакавме да веруваме дека нема да го трпиме теророт на импотентните самозамислени партиски, квазиразузнавачки групи за притисок и за прокламации и дека повеќе нема да го трпиме безобразлукот и идиотизмот на политичарите затоа што сами ги избиравме...
Но, како што сега стојат работите, повторно се преземаат рефрените од стариот репертоар со тоа што новите демократски власти старите песни ги опремиле со нови “сорти” и нови митови. Од тоталитаризам прејдовме во нешто што германскиот посател Енцесбергер одамна го има дијагностицирано и го нарече “постмодерна диктатура”. Оваа идеолошка матрица тој ја смета за “поинтилигентна” затоа што новата владејачка синекура воопшто не се потресува на критиките. Воопшто не се потресуваат заради тоа што отворено им се вели дека нивниот режим е втемелен врз политиката и криминалот, а таа техника на управување и техника на мафијата. Сите дејствуваат како некој голем смеен клан (кумот, шоферот, братучедот, жената, внукот...) во кој, како што е познато, доминира “таткото”, односно авторитарноста.
Порано државата и беше непријател број еден на мафијата, додека, пак, денес во постмодерните диктатури мафијата е државна власт.
Актуелната власт на своите граѓани им донесе само неволји: војна, раселени луѓе и семејства, масовни гробници, сиромаштво, морална хипокризија и стопански банкрот. Некои интелектуалци уште не се во состојба да ја согледаат реалноста и дека процесите на создавање на националните држави не се такви какви што биле во 19 век. Се уште се “борци за нацијата” и со сите сили се трудат да ги замолчат оние што работите ги нерекуваат со вистинските имиња. Не сфаќаат дека државата за која тие сонуваат може да биде кошмар за нејзините граѓани. Витолд Гомбрович има речено: “За Полска можеме да направиме нешто само ако и се спротивставиме на полштината”. Така е и со нас. За Македонија можеме да направиме нешто само ако заборавиме на македонштината.
Сега повторно се пишува за она што се пишуваше во најубавото време на либерализмот во Македонија. Само што тогаш тоа се правеше со занес и надеж дека пишувањето ќе влијае на расткајувањето на еден тоталитарен режим, а сега се пишува со огорченост и гадење. Новите шефови на постмодерните диктатури мутирале во чудовишта од едно минато време. За нив може да се пишува без проблеми зашто тие денес се малку “поинтилегентни” и не ги прогонуваат тие што пишуваат. Тие не се премногу среќни заради тоа, но ги немаат инструментите од времето. Фала му на бога, зашто кога би ги имале овластувањата од тогаш и психологијата дека “сите од надвор ни се непријатели”, верувајте би биле многу полоши од нивните претходници.
Затоа денеска можеме за нив да пишуваме со име и презиме. Но, веднаш се соочуваме со еден парадокс. Текстовите против власта денес ја немаат онаа длабочина и она значење што го имаа во услови на “ограничена слобода”. Мислам дека паднавме во стапицата на “идеолошка пресметка” што автоматски го урнисува доброто пишување и му се препушта на насладувањето на злобата. Можеби пишувањето денес доби во жестокост, но изгуби на естетиката, на писателската “итрина”, умеење и досетливост. Јазикот, што некогаш го нарекувавме “езоповски”, или, “специјален” беше помоќен од, овој денес, реалистичниот. Тогаш луѓето што пишуваа се трудеа да го надитрат цензорот, а денеска се расправаат со него. Оние фини нешта што тогаш се користеа во пишувањето, оние досетки, итрини, симболики и параболи го помагаа изумирањето на политичките бараби со се нивниот здодевен, банален и глупав говор.
Но, сега се поставува прашањето: дали денешните наши смешни “постмодерни диктатори” заслужуваат да ги третираме со возвишен стил. Врвниот стилист и писател Томас Ман во текстовите против Хитлер го користел јазикот на улицата. Тоа многу ги збунувало неговите аналитичари за на крајот сепак да заклучат дека Ман тоа го правел само заради тоа што тоа е единствениот јазик разбирлив за политичките бараби.